ЛОКАЦИИ ВО КЕНИЈА, ОМАН И САУДИСКА АРАБИЈА ЗАШТИТЕНИ ОД УНЕСКО

Манама, (Гардијан)

УНЕСКО додаде три нови локации на својата листа на светско културно наследство, беше договорено на состанокот на Комитетот во Бахреин.

Тимлих Оханга е живеалиште во Кенија, за кое се верува дека е изградено во 16. век и било во функција до средината на минатиот век.

Живеалиштето од 16. век, Тимлих Оханга во Кенија (Фото: ЕПА)

„Се чини дека ова живеалиште служело како утврда за заедници и добиток. Тоа е најголемото и најдобро зачувано од овие традиционални живеалишта. Ова е исклучителен пример на традицијата на градење на масивни камени живеалишта“, појасни УНЕСКО.

На листата се најде и древниот град Калхат во Оман, сместен на источниот брег на султанатот.

„Градот важел за важно пристаниште на источниот брег на Арабија меѓу 11. и 15. век. Денес претставува уникатно археолошко сведоштво за трговските врски помеѓу Арабија, источна Африка, Индија, Кина и југоисточна Азија“.

Третата локација е оазата Ал-Ахса во Саудиска Арабија.

Ал-Ахса – најголемата оаза на светот

„Тоа е најголемата оаза на светот и исклучителен пример за интеракцијата на човекот со околината. Тука има траги на постојани живеалишта од неолитот до денес“, кажаа од УНЕСКО.