ЃОРГИНА СПАСЕВСКА СПОИ СЛИКАРСТВО И ПОЕЗИЈА ЗА ИЗЛОЖБА НАМЕНЕТА ЗА ЛИЦАТА СО ОШТЕТЕН ВИД

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Допирот има меморија“ е насловена изложбата што вечерва ќе се отвори во Младински културен центар во Скопје во 20 часот.

Правејќи уникатен спој на сликарство и македонска поезија, уметницата Ѓоргина Спасевска им овозможува на луѓето со оштетен вид да ја искусат ликовната уметност на едно сосема поинакво ниво. На сликите со Брајово писмо се испишани цитати од македонската поезија. па со допирање на платното се откриваат зборови што ја креираат врската помеѓу зборот и сликата.

Некои дела се покриени со тенок слој јаглен, па присутните со секој допир ќе учествуваат во нивното континуирано создавање.

Изложбата е поддржана од Мисијата на ЕУ преку проектот „ЕУ со тебе 2021“.

Спасевска се занимава со уметност над 20 години и учествувала на повеќе уметнички настани и изложби.