ГРАД СКОПЈЕ ГИ ИЗБРА НАЈДОБРИТЕ КАФЕАНИ И КАФУЛИЊА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Град Скопје, заедно со агенцијата „Свот рисрч“, ги избра најдобрите угостителски објекти за 2018 година.

Преку тајни муштерии беа посетени сите кафулиња, гостилници, кафеани и ресторани низ Скопје и се оценуваше услугата која ја добиваат гостите.

Во категоријата ресторани победник е „Лајт џез клуб“, пред „Стара градска куќа“ и „Скопски мерак“, а најдобри три гостилници се „Дневен престој“,„Гостилница Градска кафеана“ и „Дебар маало“. Најдобри меѓу кафулињата се „Спик изи“, „Коктел бар“ и „Рок бар Круг“, а во категоријата лаунџ и мезе барови „Дистрикт бар енд кичен“, „Паблик рум“ и „Соул кичен бар“.

Раководител на Секторот за локален економски развој на Град Скопје, Марко Тодоров, рече дека новитет е тоа што за првпат резултатите ќе бидат дискретно соопштени на сопствениците или менаџерите на угостителските објекти кои беа предмет на истражувањето, за да можат и самите да направат анализа на своето работење и да ги согледаат своите силни и слаби страни.

„Скромните признанија во форма на плакети што сега ги доделуваме ќе се потрудиме во наредните години да прераснат во награди, што ќе бидат синоним за квалитет на еден угостителски објект. Целта на овој проект е да се разбуди свеста кај угостителите и кај граѓаните за важноста на квалитетот на услугата, како и да се подигне општото ниво на квалитет во угостителските објекти во градот“, изјави Тодоров.

А. АНТЕВСКА