Осудениот експремиер и пратеник Никола Груевски преку Албанија и Црна Гора избегал за Унгарија, потврди албанската полиција, додавајќи дека во тој момент сè уште не била распишана меѓународна потерница по него.
Во исто време, Унгарија соопшти дека Груевски поднесол барање за азил и дека е почната правната процедура за тоа.
- Груевски е осуден на двегодишна затворска казна во случајот на Специјалното јавно обвинителство „Тенк“, што се однесуваше на незаконска набавка на „мерцедес“ од 600.000 евра.
- Откако полицијата и судот не успеаја да го пронајдат Груевски на неговата домашна адреса за да му го врачат решението за издржување на казната во затворот во Шутка, ниту тој самиот се пријави, Министерството за внатрешни работи распиша потерница.
- Груевски во вторникот објави на својата Фејсбук страница дека се наоѓа во Будимпешта и дека ќе бара политички азил, што потоа беше потврдено и од унгарските власти.
- Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кажа дека Груевски не избегал авионски, туку ја преминал границата преку илегален премин.
- Албанската полиција вчера потврди дека Груевски ја напуштил територијата на Албанија на 11 ноември во вечерните часови и влегол во Црна Гора, со возило на унгарската амбасада во Тирана.
- Дополнително, и црногорската полиција објави дека Груевски истиот ден излегол од Црна Гора. Нема официјални информации на кој начин влегол во Унгарија.
- Унгарскиот министер за надворешни работи Сијарто изјави дека Груевски поднесол барање за азил во Унгарија и дека е почната правната процедура за тоа.
- Министерството за правда соопшти дека го подготвува барањето за екстрадиција на Груевски во Македонија.