Осудениот експремиер и пратеник Никола Груевски објави на Фејсбук дека му е одобрен азил во Унгарија, една недела откако избега во оваа земја преку неколку држави, со цел да не оди на отслужување на двегодишна затворска казна.
За да се спречи евентуално ново бегство, на барање на Специјалното јавно обвинителство, синоќа беше притворен поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков
- Груевски е осуден на две години затвор во случајот на СЈО „Тенк“, што се однесуваше на незаконска набавка на „мерцедес“ од 600.000 евра.
- Министерството за внатрешни работи распиша потерница по него откако полицијата и судот минатиот понеделник не успеаја да го пронајдат, за да му го врачат решението за издржување на казната во затворот во Шутка.
- Груевски минатиот вторник објави на Фејсбук дека се наоѓа во Будимпешта и дека ќе бара политички азил.
- Албанската полиција потврди дека Груевски преку нејзина територија влегол во Црна Гора на 11 ноември со возило на унгарската амбасада во Тирана.
- Српскиот претседател Александар Вучиќ дополнително кажа дека Груевски поминал низ Србија на пат за Унгарија, при што во земјата влегол со македонска лична карта и со патен документ од унгарската амбасада во Тирана.
- Министерството за правда објави вчера дека испратило барање за екстрадиција на Груевски.
- Груевски вчера повторно се огласи на Фејсбук и кажа дека Унгарија позитивно одговорила на неговото барање за добивање азил.
- „Денеска, Република Унгарија одговори позитивно на моето претходно поднесено барање за добивање политички азил поради политички прогон во Република Македонија“, напиша Груевски, додавајќи дека се повикал на аболицијата од претседателот Иванов.
- Поради опасност од бегство, Основниот суд Скопје 1 му одреди притвор од 30 дена на Мијалков за случајот „Тврдина-Таргет“ за нелегално прислушување на илјадници граѓани и тој беше уапсен во хотелот „Мериот“ и одведен во затворот во Шутка.