ГРУЈЕВСКИ И БОШКОСКИ МУ СЕ ПОЖАЛИЈА НА ГРЧКИОТ ОБВИНИТЕЛ И ПОБАРАА ДА НЕ БИДАТ ЕКСТРАДИРАНИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК, Никола Бошкоски, кои во средата беа уапсени во Солун, вчера се појавија пред грчкиот јавен обвинител, додека се чека нивно екстрадирање во Македонија.

Тие беа во бегство 86 дена и по нив беше распишана меѓународна потерница.

Двајцата се обвинети од СЈО за нелегално прислушување на илјадници граѓани и за уништување на системите за прислушување, случаи познати под името „Тврдина“ и „Таргет“, што сега се споени во еден предмет.

  • На 18 јули, Апелациониот суд одреди притвор за Грујевски и за Бошкоски, но поради жалбите до Врховниот суд, кои беа без преседан, наредбата за приведување беше издадена шест дена подоцна, кога тие не беа пронајдени на своите домашни адреси.
  • На Грујевски, во меѓувреме, му се судеше во отсуство за друг случај „Тврдина 2“, а следното рочиште е закажано за 2 ноември.
  • Во средата вечер, грчката полиција објави дека ги уапсила Грујевски и Бошкоски во Солун. МВР десет дена имало информации дека се кријат таму и тие биле фатени непосредно пред да се качат на лет за Будимпешта.
  • Тие биле уапсени откако на пасошка контрола било утврдено дека имаат фалсификувани бугарски пасоши и дека по нив е распишана меѓународна потерница.
  • Грујевски и Бошкоски вчера излегоа пред грчкиот јавен обвинител и изјавиле дека не сакаат да бидат екстрадирани во Македонија, „затоа што се плашеле за своите животи, тврдејќи дека станува збор за политички прогон“. Дополнително треба да им се одреди во кој затвор ќе го чекаат комплетирањето на документацијата за екстрадирање.
  • МВР официјално го извести Министерството за правда да ја почне процедурата за екстрадиција на двајцата бегалци.