ГРУПАТА „ГАЛИЈА“ ЌЕ ГО ОДРЖИ „НИКОГАШ ОДРЖАНИОТ“ КОНЦЕРТ ВО СКОПЈЕ ВО ДЕКЕМВРИ, НАЈАВИ „АВАЛОН“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Српската поп-рок група „Галија“ ќе одржи концерт во Скопје, во Филхармонијата на 15 декември, како дел од славењето на 30 години од основањето на „Авалон продукција“.

„Првиот концерт што ‘Авалон’ го организираше во Скопје беше на ‘Електрични оргазам’, во Куршумли ан на 28 август 1993. Вториот концерт требаше да биде на ‘Галија’ на истото место на 11 септември истата година. Пред отворањето на вратите се споија небо и земја и одржувањето на концертот беше невозможно. Концертот никогаш потоа не се одржа. Не само што не се одржа, туку добри 30 години патиштата на ‘Авалон’ и ‘Галија’ никогаш за ништо не се сретнаа“, велат од продукцијата за концертот кој го нарекоа „никогаш одржаниот“.

Скопскиот концерт во декември е со наслов „Акустично како некогаш“, а фронтменот Ненад Милосављевиќ-Неша со бендот ќе ги испее најголемите хитови. „Авалон“ најави осумчлен состав музичари на сцената.

Влезниците ќе бидат во продажба од 8 ноември во 9 часот по цена од 1.200 и 1.500 денари.

(Фото: Фејсбук)