Пеп Гвардиола уште еднаш ќе издвои огромна сума пари за да ја зацврсти одбраната на Манчестер сити, која викендов прими пет гола од Лестер.
Најновото засилување треба да биде централниот бек на Бенфика, Рубен Дијас, за кого богатите газди на Сити ќе платат 79,2 милиона долари, плус можни бонуси од 3,6 милиони.
Манчестер сити беше меѓу екипите кои примаа најмалку голови во Премиерлигата во изминатите сезони, но одбраната во исто време беше негова голема слабост. Гвардиола го решаваше овој проблем со постојано купување нови скапи дефанзивци, на кои, со последниот трансфер, потрошил повеќе од 500 милиони долари за четири години.
Освен Дијас, во овој преоден рок беше купен и Нејтан Аке од Борнмут за 51 милион долари. Во првиот тим кој прими пет гола од Лестер беа и Кајл Вокер (58 милиони долари) и Бенжамин Менди (63 милиони), а во ерата на Гвардиола беа доведени и Жоао Кансело за 71,5 милиони, Џон Стоунс за 61 милион, Данило за 33 милиони долари, како и младиот Шпанец Ерик Гарсија.
Една од ретките успешни приказни е Ејмерик Лапорт, за кого на Атлетик Билбао му беа платени 72 милиони долари во 2018, но честите повреди ги ограничија неговите настапи.