„ХЈУНДАИ ТУСОН“ ИЗБРАН ЗА АВТОМОБИЛ НА ГОДИНАТА ВО МАКЕДОНИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Хјундаи тусон“ ја понесе титулата Автомобил на годината во Македонија, што е втора награда за оваа корејска компанија во досегашните 27 избори.

„Четвртата генерација на ‘тусон‘ прави значаен технолошки исчекор во однос на својот претходник. Новата платформа овозможува вградување на бензински и дизелски мотори, но таа може успешно да одговори на еколошките барања поради можноста за вградување на електрифицирани погонски единици. Во прилог на победникот оди и извонредниот ценовен однос на квалитетот и опременоста“, се вели во образложението на жирито.

Во потесната конкуренција за наградата беа и „BMW iX“, „дачија сандеро“, „хонда џез“, „киа соренто“, „опел мока“, „тојота јарис крос“ и „фолксваген ИД.3“.

За победата на „тусон“ пресудно беше гласањето на публиката, откако четиричленото жири им додели по два гласа на „тусон“ и „тојота јарис крос“.

За најдобар електричен автомобил е прогласен „фолксваген ИД.3“, а Зоран Марковски ја прими наградата „Томислав Биљарац“, која се доделува за посебни придонеси и резултати во автомобилската индустрија.