Хрватската компанија „Римац автомобили“ го објави првото видео за својот нов хиперавтомобил, што ќе биде претставен на Автосаемот во Женева на 6 март, а во продажба треба да се најде за два месеца.
Тоа не открива многу за моделот наречен „концепт два“, но се најавува дека тој би можел да биде најимпресивниот и најбрз електричен автомобил на светот досега и најсериозна конкуренција на најавениот „тесла роудстер“, кој излегува во 2020 година.
Од компанијата основана од Мате Римац уште лани навестија дека наследникот на „концепт еден“ ќе биде голем чекор напред, а тоа значи помоќен од сегашните 1.224 коњски сили. На тој начин, тој би можел да достигне брзина од 400 километри на час, а до стотката да забрзува за само две секунди, што би бил рекорд меѓу друмски автомобили. „Концепт два“ треба да добие и батерија со многу поголем капацитет, со која би поминувал повеќе од сегашните максимални 350 километри.
Новиот модел ќе биде произведен во 150 примероци, а компанијата планира и да ја прошири својата продажна мрежа, имајќи предвид дека моментално има само еден посредник во САД.
„Римац автомобили“ почна со само пет вработени, а денес ги има 250.