ХРВАТСКАТА ПРЕТСТАВА „МЛАДИНА БЕЗ БОГ“ И БИТОЛСКАТА „БАКХИ“ ВЕЧЕРВА НА МОТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Хрватската претстава „Младина без бог“, во режија на Борут Шепаровиќ, е вечерва на програмата на 44. Млад отворен театар, во 20 часот во Младински културен центар.

Од МОТ велат дека „Младина без бог“ е жестока и предупредувачка претстава која удира во желудник и за која се размислува целиот нареден ден. Претставата покажува стравотно мрачна и застрашувачка слика за делата на младите генерации, кои изгубиле вера во Европа и во нејзините хуманистички вредности, а веруваат во профит, гејмерската индустрија, сајберуниверзумот и во смртта.

На малата сцена на Националната опера и балет, во 22 часот, Игор Вук Торбица ќе ја постави претставата „Бакхи“, која е во продукција на Народниот театар од Битола.

„Овој текст е длабока загатка за релативноста и за променливоста на нашиот идентитет. Студија за тоа во што го препознаваме божественото, истовремено и потсетник дека тоа доаѓа во облици што не сме спремни да ги прифатиме и препознаеме. Ова не се само ‘Бакхи’ на Еврипид, ова се и нашите бакхи што знаат дека театарот е најсубверзивното оружје измислено од човечкиот ум“, најавуваат од МОТ.

По претставите следува диџеј сет на дуото „Филџан“ (Филип Пајдаков и Џано Куч) во МКЦ.