Македонија се придружува на сѐ поголемата група земји кои ја ограничија употребата на вакцината против ковид-19 на „АстраЗенека“ на одредена возрасна група. Министерот за здравство Венко Филипче денеска кажа дека таа нема да им се дава на лицата под 60 години.
Ова следува еден ден откако Европската агенција за лекови (ЕМА) потврди дека тромбоза може да се смета за многу редок несакан ефект на вакцината на „АстраЗенека“.
Македонија доби 24.000 дози од вакцината на „АстраЗенека“ преку меѓународната иницијатива Ковакс и во прв период им се даваше само на лицата над 77 години.
Според ЕМА, до 4 април биле регистрирани вкупно 222 случаи на тромбоза меѓу 34 милиони вакцинирани со „АстраЗенека“, при што 18 завршиле со смртен исход.
„Ги потсетуваме здравствените работници и луѓето кои се вакцинираат да бидат свесни за можноста на појава на редок тип на тромбоза, комбиниран со ниско ниво на тромбоцити, што се јавува во рок од две недели по имунизацијата. Досега, најголем број случаи се регистрирани кај жени на возраст до 60 години“, соопшти вчера ЕМА.
И Шпанија и Италија денеска објавија дека со „АстраЗенека“ ќе вакцинираат само луѓе над 60 години. Претходно ваква одлука донесоа и Канада, Германија, Франција, Холандија, Белгија, Шведска, Финска и Естонија, при што возраста варира од 55 до 65 години.
Г. КОНЕВ