И НОВИТЕ ГЕНЕРАЦИИ ЌЕ ГИ ПЕАТ ПЕСНИТЕ НА ТОШЕ НА ФЕСТИВАЛОТ ВО НЕГОВА ЧЕСТ ВО СКОПЈЕ, ВЕЛИ МЕНАЏЕРОТ МАРЈАН КАТАРОСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На 11 и 12 октомври, во Националната опера и балет во Скопје ќе се одржи фестивалот „Песните на Тоше“, на кој ќе настапат пејачи од Македонија и од странство.

Организатор на настанот е Марјан Катароски од Прилеп, промотор на македонски таленти во светот, организатор на музички фестивали во Македонија и актуелен директор на Светската асоцијација на фестивали.

Организатор на фестивалот е Марјан Катароски од Прилеп (Фото: Фејсбук)

„Идејата за организирање на овој фестивал долго тлееше во мене и го чекаше вистинското време да се реализира. Целта е да продолжат да живеат песните на Тоше Проески и да ги пеат и новите генерации, а истовремено да им дадеме една друга димензија. Воедно, секој пејач ќе даде свој печат, а ќе се пеат на јазикот на кој се снимени. Ќе има учесници од Македонија, цела поранешна Југославија, Израел, Украина, Русија. Музичарите кои секаде го следеа Тоше ќе ги изберат најдобрите 20 учесници од првата фестивалска вечер, кои ќе настапат утредента, на гала вечерта на 12 октомври. Во публиката ќе има многу гости, секако и членови на неговото семејство, со кое прво разговарав за овој проект“, вели Катароски.

Тој додава дека очекува од година в година фестивалот да расте. Настанот во живо ќе го пренесува Македонската телевизија, а кои пејачи ќе настапат, дополнително ќе се објави.

М. ЏАРОВСКА