Илјадници ледени топки со облик на јајце прекрија плажа во Финска како резултат на редок временски феномен. Ледените јајца се снимени на островот Хаилуто во заливот Ботнија, што се наоѓа меѓу Финска и Шведска.

Експертите велат дека тие се создадени во редок процес во кој што парчиња мраз се превртуваат под дејство на ветер и вода.

„Бев на плажата со мојата сопруга и времето беше сончево и ветровито, околу минус еден степен. Тука го видовме тој неверојатен феномен. Покрај линијата на водата, на плажата имаше огромен број снежни и ледени јајца. Најмалите топки имаа големина на јајце, а најголемите на фудбалска топка“, изјави фотографот Ристо Матила.

Метеорологот на Би-Би-Си Џорџ Гудфелоу вели дека условите треба да бидат студени и малку ветровити за да се формираат вакви топки.

Слични настани претходно беа пријавени во Русија и на езерото Мичиген во близина на Чикаго.