Индонезија ќе го пресели својот главен град на островот Борнео, бидејќи Џакарта лежи на мочуришно земјиште и продолжува да тоне.
Џакарта е дом на 10 милиони луѓе, но делови од градот секоја година тонат за 25 сантиметри и половина од градот сега се наоѓа под нивото на морето. Експертите предвидуваат дека една третина од градот целосно ќе биде потоната до 2050 година, ако не се преземат итни мерки.
Засега не е познато како ќе се вика новиот главен град, но тој ќе се простира на два релативно неразвиени региона во провинцијата Источен Калимантан. Амбициозниот проект ќе чини 33 милијарди долари, но министерот за планирање изјави дека економијата губи седум милијарди долари годишно поради сообраќајниот метеж на Џакарта.
Се очекува изградбата да почне во 2021, а преселбата на администрацијата во 2024 година.