ИРСКА ГИ ЗАТВОРИ ПАБОВИТЕ ПРЕД ДЕНОТ НА СВЕТИ ПАТРИК

Даблин, (Би-Би-Си)

Ирската влада нареди затворање на сите пабови во земјата, ден откако стана јасно дека не се почитува забраната за масовни собири донесена за да се спречи ширењето на коронавирусот.

Снимки од преполн паб во Даблин предизвикаа гнев низ земјата и министерот за здравство Сајмон Харис изјави дека тоа е навреда за сите здравствени работници во земјата.

„Не така далеку оттука, лекари и болничари работат напорно за да бидат подготвени да одговорат на глобална пандемија. Сите работат 24/7“, кажа Харис.

Затворањето на пабови и хотелски барови привремено ќе остави без работа 50.000 луѓе, а индустријата ќе оствари загуба од 100 милиони фунти. Загубите ќе бидат и поголеми ако забраната не биде укината на 29 март.

Се проценува дека во Ирска има 7.400 пабови и оваа мерка е донесена во најлош можен момент, во пресрет на најголемиот ирски празник – Денот на Свети Патрик, кога е традиција да се пие многу пиво.