Децата во Ирска ќе бидат во можност да добијат подароци од Дедо Мраз оваа година откако на него му беше дадена специјална дозвола за влез во земјата.
Ова го објави ирскиот премиер Лео Варадкар, кој на седница на парламентот кажа дека на Дедо Мраз му било дозволено да влезе во воздушниот простор на Ирска.
„Сакам да потврдам дека Дедо Мраз доби дозвола за преминување на нашите граници на 24 и 25 декември. Правилата за имиграција, царина и движење на животните се тргнати за овој патник, неговите санки и за неговиот осумчлен тим на летечки елени“, кажа Варадкар на седницата со пратенички прашања.
Аеродромот во Даблин исто така соопшти дека е подготвен за доаѓањето на Дедо Мраз.
„Летовите на аеродромот ќе престанат на Бадник по пристигнувањето на последниот авион околу 23:00 часот, со што ќе се осигура воздушниот простор да биде целосно чист за пристигнувањето на санките на Дедо Мраз по полноќ“, кажаа од аеродромот.