ИСТОРИСКАТА НАУЧНА ЕКСПЕДИЦИЈА НА АРКТИК НЕМА ДА ВИДИ СОНЦЕ ВО НАРЕДНИТЕ ПЕТ МЕСЕЦИ

Осло, (Би-Би-Си)

Германскиот истражувачки брод „Поларштерн“ пронајде локација каде што ќе ја почне својата едногодишна научна експедиција на Арктик, за која се вели дека е најголема во историјата.

Бродот се смести покрај дебел пловечки мраз на сибирската страна од океанскиот базен и тој во наредниот период ќе биде дом на стотици научници кои ќе ги проучуваат сите аспекти на климатскиот систем на Арктик. Едногодишното истражување треба да даде и појасни проекции за идните климатски промени.

„По кратка, но интензивна потрага, го пронајдовме нашиот дом за наредните месеци. Тоа можеби не е совршениот мраз, но е најдобар во овој дел од Арктик и нуди подобри работни услови од оние што би ги очекувале во топло арктичко лето“, изјави водачот на експедицијата „MOSAiC“, Маркус Рекс од институтот „Алфред Вегенер“ во Потсдам.

Бродот тргна од норвешкиот град Тромсе пред неколку недели и експедицијата нема да види сонце во наредните пет месеци.

„Сонцето зајде за ‘MOSAiC‘ и нема да се појави до 8 март 2020. До 12 ноември нема да има ни самрак, целосна темница“, напиша експедицијата на својот профил на Твитер.

Во неа ќе учествуваат околу 600 научници од 19 држави. Среде најголемата зима, бродот ќе биде снабдуван со намирници преку авиони и хеликоптери.