Повеќе од 60 милиони луѓе во Италија од денеска се во карантин откако земјата воведе радикални мерки во обид да го спречи натамошното ширење на коронавирусот. Според последните информации, во Италија има 9.172 заразени и 463 починати.

  • Италија е прва земја на светот која целосно е претворена во „заштитена зона“ поради растечката криза со КОВИД-19.
  • Ригорозните рестрикции ќе бидат на сила до 3 април.
  • Сите спортски натпревари, вклучувајќи ја и Серија А, се прекинуваат.
  • Затворени се сите училишта и универзитети.

  • Италијанците ќе мора да се откажат и од традицијата на пиење еспресо, бидејќи нема да работат ни кафулињата, исто како и ноќните клубови, музеите, театрите, кината и теретаните.
  • Рестораните и баровите смеат да бидат отворени од шест до 18 часот, но само ако овозможат гостите да бидат на меѓусебно растојание од еден метар.
  • Продавниците и супермаркетите ќе бидат отворени.
  • Се откажуваат и сите верски церемонии, што опфаќа и венчавки и погреби.
  • Јавниот превоз останува во функција, но само оние со валидна работна или семејна причина што не може да се откаже ќе добијат дозвола за патување.
  • Оние кои сакаат да патуваат ќе мора да пополнат документ и да ги наведат причините.
  • Властите исто така им препорачаа на луѓето да не се ракуваат, гушкаат и бакнуваат.
  • „Нашите навики мора да се променат. Сите мора да се откажеме од нешто за доброто на Италија“, кажа синоќа премиерот Џузепе Конте.