„ИЗБРАНИОТ“ ВО РЕЖИЈА НА ЈАНЕ СПАСИЌ ПРЕМИЕРНО НА 28 МАЈ ВО ТЕАТАР КОМЕДИЈА

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

На 28 мај од 20 часот, во Театар Комедија премиерно ќе се изведе претставата „Избраниот“ по текст на Ева Камчевска, а во режија на Јане Спасиќ. Во претставата играат Тони Денковски, Жаклина Петровска, Виктор Арсов, Сергеј Димоски, Елена Кузманов и Ангела Лефкова.

„Избраниот“ се најавува како апсурдна комедија за тричлено семејство кое живее во една рудиментарна средина и се подготвува за моментот кога родителите ќе му ја соопштат ‘вистината’ на синот единец за неговата посебност.

Сценографијата е на Мери Батакоја, а костимите на Ивана Каранфиловска-Угуровска.

Камчевска (1983) е драматург и сценарист со диплома од Факултетот за драмски уметности во Скопје, која се образовала и на Филмската школа во Ванкувер во доменот на филмското и телевизиското сценарио.