Од првите часови на руската инвазија на Украина, светот го обиколуваат фотографии од жени, деца и семејства како се кријат во подземната железница на Киев. Таа стана привремено живеалиште за илјадници жители на главниот град, кој повремено се ракетира и ја очекува големата руска офанзива.
Киев почна да го гради своето метро во 1949, кога сеќавањата на Втората светска војна сè уште беа свежи. Неговите 52 станици и тунели се изградени со двојна намена: за секојдневен превоз на граѓаните и како скривница ако почнат да паѓаат гранати. Но, шефот на метрото, Виктор Брагински, вели дека никогаш не верувал дека ова второто навистина ќе го доживее.

„Сè уште не ми се верува. Сè изгледа така нереално“, вели Брагински.
Секоја станица може да послужи како засолниште за илјада луѓе од гранатите и проектилите „град“, со кои руските сили гаѓаат цели во Киев од минатата недела. Голем број луѓе може да се засолни и во мрачните тунели.

„Теоретски, околу 100.000 луѓе можат да се кријат во киевското метро додека имаат храна“, вели Брагински.
Некои спијат на камениот под на метрото, а некои поставија шатори. Седумдесет и петгодишната Антонина Пузиј престојува со внуците во метрото од првите ракетни напади минатиот четврток.
„Ние живееме на 12. кат и страшно е. Моите ќерки и соседи ни носат храна. Сите си помагаме“, вели таа.