ИЗЛОЖБА СО ПРИВАТНИ ФОТОГРАФИИ ОД ЕЛТОН ЏОН И ДЕЈВИД ФУРНИШ ЌЕ СЕ ОТВОРИ ВО ЛОНДОН

Лондон, (Би-Би-Си)

Фотографии од приватната колекција на пејачот Елтон Џон и филмаџијата Дејвид Фурниш ќе бидат изложени во музејот „Викторија и Алберт“ во Лондон следната година.

Изложбата ќе содржи фотографии од 1950-ите до денес, а во неа ќе има и портрети на џез музичарите Мајлс Дејвис и Чет Бејкер и актерката Мерилин Монро. Ќе бидат прикажани и историски моменти, од движењето за граѓански права до активизмот за сидата.

Ќе бидат прикажани повеќе од 300 дела од најмалку 140 фотографи.

За оваа изложба кураторите создадоа осум тематски секции, кои, меѓу другото, опфаќаат мода и славни личности.

„Оваа изложба ја доведе нашата соработка со музејот до навистина возбудливи нови височини, прикажувајќи ги некои од најомилените слики од нашата колекција. Со нетрпение очекуваме да ја споделиме оваа изложба со јавноста“, изјавија Џон и Фурниш.

(Фото: ПА)