Со проекцијата на „Врвки“, во режија на Јаков Голдвасер, вечерва во 20 часот во Кинотеката на Македонија почува Неделата на израелски филм.
„Во годината кога државата Израел слави 70 години од постоењето, креацијата во нејзината кинематографија не случајно се потпира на меморијата. Ако за некој народ важи предубедувањето дека ја негува меморијата за сопственото постоење, тогаш тоа сигурно е еврејскиот. Дури и еден инстант преглед низ најпознатите филмски наслови на автори од еврејско потекло го потврдуваат тоа“, вели филмскиот критичар Стојан Синадинов од Кинотеката.
Утре ќе се прикаже „Нула мотивација“ на Талија Лави, а потоа „Спасувајќи го Нета“ на Нир Бергман (среда), „Слаткарот“ на Офир Раул Грејзер (четврток) и в петок документарците „На мапата“ на Дани Менкин и „Сирискиот пациент“ на Рахели Шварц.