ЈАПОНИЈА ПОДГОТВЕНА ЗА ИСТОРИСКОТО СЛЕТУВАЊЕ НА ПОВРШИНАТА НА АСТЕРОИД

Токио, (Би-Би-Си)

Јапонската вселенска агенција го објави својот историски план да ја истражи површината на астероид со роботи.

Леталото Хајабуса-2 стигна до астероидот Рјугу во јуни по три и полгодишно патување и неговите роботи ќе слетаат на различни локации во септември и октомври.

Доколку сè помине во ред, Хајабуса-2 ќе стане првото вселенско летало кое успешно извело слетување за да собира информации од површината на астероид.

Еден километар широката карпа, формално позната како 162173 Рјугу, припаѓа на примитивен тип на астероид и е остаток од раните денови на нашиот сончев систем. Неговото проучување може да придонесе за подобро разбирање на потеклото и на еволуцијата на Земјата.

Хајабуса-2 беше лансиран од крајниот исток на Јапонија на 3 декември 2014 година и со себе носи неколку научни инструменти, кои ќе бидат пуштени на Рјугу. Првото слетување е предвидено за 21 септември.