Јапонските научници открија црни парчиња камења и почва од астероид кога ја отворија капсулата што леталото „Хајабуса-2“ ја донесе од длабочините на вселената пред една недела. Тоа е прво значително количество материјал од вселенска карпа што било донесено на Земјата.
„Хајабуса-2“ го собра материјалот од 4,6 милијарди години стар астероид наречен Рјугу, на кој двапати слета минатата година, во моментите кога беше оддалечен 300 милиони километри од Земјата. Се верува дека Рјугу е остаток од времето на формирањето на Сончевиот Систем.
Трите дела во капсулата треба да содржат материјал собран и од површината и од внатрешноста на астероидот. Научниците особено беа заинтересирани за драгоцен материјал од внатрешноста на Рјугу, што со милениуми останал неизложен на вселенските фактори, па за таа цел, „Хајабуса-2“ при првото слетување испука проектил во површината, создавајќи кратер широк 20 метри.
Собраните материјали го содржат и првиот примерок на гас донесен од длабоката вселена и тој веројатно бил ослободен од почвата на Рјугу.