КАНДИДАТ ВО ФИЛАДЕЛФИЈА НАСЕДНА НА ИНТЕРНЕТ ИЗМАМА, ЌЕ КОРИСТИ ЗАЈЦИ ЗА ОТКРИВАЊЕ ДРОГА

Филаделфија, (АП)

Кандидат за градоначалник во Филаделфија кажа дека бил сериозен кога ветил дека ќе ја истражи можноста да се користат зајци за откривање на дрога ако биде избран, иако тоа потекнува од интернет измама.

Весникот „Филаделфија Инкваерер“ објави дека републиканскиот кандидат Дејв Готро ја изнел идејата на дебата со останатите кандидати во Фениксвил. Кандидатот потоа изјавил за весникот дека ја слушнал идејата на собир на граѓани и мислел дека во градот Ланкастер навистина користат зајци во борбата против дрога.

Минатата година, идејата беше објавена како првоприлска шега на полицијата од градот Амхерст, како и на сатиричниот веб сајт „Луѓето од Ланкастер“. Готро во меѓувреме ја избриша објавата на Фејсбук за зајците и кажа дека сериозно ја сфаќа кандидатурата за градоначалник, како и борбата против дрога.