МАЈКЛ ФАСБЕНДЕР И АЛИЦИЈА ВИКАНДЕР ТАЈНО СЕ ВЕНЧАЛЕ НА ИБИЦА

Лос Анџелес, (Харперс базар)

Холивудските ѕвезди Мајкл Фасбендер и Алиција Викандер, без многу помпа, се венчале викендов на Ибица, открија извори за магазинот „Пипл“.

Приватната церемонија, на којашто присуствувале само најблиските роднини и пријатели, се одржала во одморалиштето Ла Гранха. Тие не направиле класична свадба, па Викандер била снимена на плажа во син фустан.

Дваесет и деветгодишната Швеѓанка и 11 години постариот британски актер се запознаа во 2014 година, на снимањето на филмот „Светлината меѓу океаните“.

Истата година се појавија шпекулации дека се во врска, но оттогаш, тие успешно го криеја приватниот живот од очите на јавноста.

Алиција Викандер доби оскар за најдобра споредна улога во филмот „Данска девојка“ во 2016 година, додека Фасбендер досега двапати беше номиниран за истата награда.