Со доаѓањето на летото, почнува и сезоната на музички фестивали, а тоа, според досегашното искуство, повлекува и огромни купишта ѓубре и остава слики на полиња исполнети со пластика.
Повеќе од три милиони луѓе доаѓаат на фестивалите во Велика Британија секоја година и зад себе оставаат 23.500 тони ѓубре, од кои дури 70% завршуваат на депонии. Во САД, оваа бројка изнесува 53.000 тони, што е рамно на 450 сини китови.
Некои фестивали презедоа конкретни чекори на овој план, па „Гластонбери“ оваа година забрани пластични шишиња за една употреба.
„Во 2017 година продадовме повеќе од еден милион пластични шишиња и сфативме дека мора да ставиме крај на тоа“, вели еден од организаторите на фестивалот, Емили Ивис.
Не се само пластични шишиња проблем. Секоја година, на фестивалите во Британија се оставаат над 22.700 шатори. Се проценува дека просечен шатор содржи пластика рамно на 8.750 сламки или 250 чаши. Холандската фирма „КарТент“ има решение за тоа: картонски шатори кои целосно можат да се рециклираат и се водоотпорни.
„Планираме да обезбедиме 15.000 вакви шатори за фестивалите низ Европа“, вели коосновачот на „КарТент“, Воут Комер.
По завршувањето на сезоната, фирмата ги рециклира сите шатори и од нив прави кутии и корпи, што повторно им се продаваат на организаторите.