Под мотото „Зора за планина. Ноќ за музика. Галичник за сите“, денеска (20 јуни) во Галичник ќе се одржи петтото издание на фестивалот на електронска музика „Галицко“.
Фестивалот се организира во чест на Рист Мелоски, познат како диџеј Ицко од „Антена 5“ радио, чија голема желба била токму во Галичник да се одржува фестивал на електронска музика. Петта година по ред, неговата сопруга и пријателите го организираат на настанот, продолжувајќи го неговиот аманет. Мелоски почина од коронавирус во 2020.
Влезот е слободен, а посетителите ќе проследат богата целодневна програма поделена на „Галицко дење“ и „Галицко ноќе“. Во дневниот дел ќе има велосипедска тура на релација Галичник–Лазарополе–Галичник, како и планинарски искачувања до врвовите Старци, Меденица и Вели Врв. Дневна забава ќе има и во хотел „Неда“, каде музика ќе пуштаат диџеите Ерик Фокс и Никифор.
Ноќната програма започнува на зајдисонце со настапи на млади диџеи од Академијата „Енсо“, а забавата ќе продолжи до по полноќ со сетови на Галоцки, Би-Ди-Ем, Кандар и дуото Лефонк и Мартин, долгогодишни пријатели на диџеј Ицко.