Првата кинеска вселенска станица се очекува да падне на Земјата во наредните неколку недели, но научниците не можат да утврдат каде точно ќе удри 8,5 тони тешкиот модул.
Американската корпорација „Аероспејс“ проценува дека „Тијангонг-1“ ќе влезе во Земјината атмосфера во првата недела од април, најдоцна една недела подоцна. Европската вселенска агенција соопшти дека очекува модулот да падне некаде меѓу 24 март и 19 април.
Во 2016 година, Кина призна дека изгубила контрола врз „Тијангонг-1“ и дека нема да може да изведе контролирано враќање.
„Постојат шанси мало количество остатоци од модулот да го преживее враќањето и да ја удри Земјата. Ако се случи тоа, тие ќе паднат во област голема неколку стотици километри“, изјави „Аероспејс“.
Меѓу областите што би можеле да бидат погодени од остатоците се наведуваат северна Кина, Блиски Исток, централна Италија, северна Шпанија, северните држави на САД, Нов Зеланд, Тасманија, делови од Јужна Америка и северна Африка.
Сепак, од „Аероспејс“ предупредуваат дека постојат многу мали шанси тие да повредат некого.