Кинескиот производител на електрични возила „BYD“ ја надмина „Тесла“ во годишните приходи минатата година, што претставува значаен момент за овој глобален пазар.
Компанијата од Шенжен пријавила зголемување на приходите за 29%, кои изнесуваат 777 милијарди јуани (107 милијарди долари), надминувајќи ги приходите на „Тесла“ од 97,7 милијарди.
Брзиот раст на „BYD“ се должи на големата продажба на нејзините хибридни возила. Иако двете компании продале речиси ист број електрични автомобили во 2024 („BYD“ – 1,76 милиони, „Тесла“ – 1,79 милиони), Кинезите испорачале вкупно 4,3 милиони возила кога ќе се додадат и хибридните модели.
Во обид дополнително да ја предизвика „Тесла“, „BYD“ пред неколку дена лансираше нов, подостапен електричен автомобил (qin L), чија цена е 16.500 долари, со што е значително поевтин од „модел 3“ на „Тесла“, кој чини над 32.000 долари во Кина.
„BYD“ вложува и во технолошкиот напредок, па минатата недела претстави нова технологија за полнење батерии, која овозможува целосно полнење на автомобилот за само пет минути.