КИНЕСКО ВСЕЛЕНСКО ЛЕТАЛО НАПРАВИ СНИМКИ ОД ЦЕЛИОТ МАРС

Пекинг, (Ројтерс)

Кинеско беспилотно вселенско летало направило снимки од целиот Марс, вклучувајќи го неговиот јужен пол, откако кружело околу планетата повеќе од 1.300 пати од почетокот на минатата година, објавија државните медиуми.

„Тијанвен-1“ влезе во орбитата на Марс во февруари 2021, што беше прва кинеска мисија на оваа планета. Роботски ровер во мај се спушти на површината, додека орбитер ја истражуваше планетата од вселената.

(Фото: ЦНСА)

Меѓу направените фотографии се и оние од јужниот пол, каде што се наоѓаат речиси сите залихи на вода на Марс. Во 2018, мисија на Европската вселенска агенција откри вода под мразот на јужниот пол, што се смета за клучно за утврдувањето дали може да има услови за живот на Марс.

„Тијанвен-1“ ги сними и 4.000 километри долгиот систем на кањони Валес Маринерис и голем планински регион во северниот дел познат како Арабија Тера.

(Фото: ЦНСА)

Леталото испратило и фотографии во висока резолуција од работ на огромниот кратер Маундер и од врвот на 18.000 метри високиот вулкан Аскреус Монс, откриен пред повеќе од пет децении.