КОНЦЕРТ СО ДЕЛАТА НА БРАНЃОЛИЦА ЗА КРАЈ НА ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКАТА МУЗИКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На 24 октомври во камерната сала на Филхармонијата од 19 часот ќе се одржи последниот концерт од фестивалот Денови на македонската музика, кој ќе биде посветен на творештвото на композиторот Љубомир Бранѓолица.

На концертниот омаж публиката ќе може да проследи дела од опусот за гудачки оркестар на композиторот. Солистите Татјана Петрушевска – обоа, Здравко Ангелов – кларинет, Марјан Милошевски – фагот и Мартин Димитров – виолина ќе настапат со гудачкиот оркестар „Ајга“, предводени од диригентот, маестро Борјан Цанев.

Концертот е во организација на СОКОМ, Претседателот Стево Пендаровски и Филхармонија, а со поддршка на Министерството за култура. Влезот на концертот е слободен.

Легендарниот македонски композитор и автор на филмска музика Љубомир Бранѓолица почина на 23 јули на 90 години.

„Љубомир Бранѓолица е несомнено еден од најплодните и најзначајни автори на 20. век во македонската музика, не само во класичната, туку во сите музички жанрови. Тој е автор кој по својот опус на создадени дела се вбројува меѓу најплодните автори на македонската музичка сцена. Тој е и најплоден автор на балетската музика кај нас. Автор е на забавни мелодии и детски песни. Творец е кој се јавува во речиси сите музички жанрови. Тој е меѓу првите кој успеа да ги спои модерните со класичните хармонии и внесе нова свежина на тогашната сцена“, се вели на неговата дигитална платформа.

Балетскиот опус на Бранѓолица опфаќа 18 целовечерни дела. Сите освен „Бајазит и Оливера“ се изведени на сцената на Македонската опера и балет во периодот од 1959 („Велеградски варијации“) до 2013 („Александар Македонски“). Беше автор и на популарна музика, меѓу нив и на евергринот „Езеро мое“, што го испеа Нина Спирова.