КОНЦЕРТОТ „ЕТНО МАКЕДОНИЈА 24“ НА СКОПСКО ЛЕТО ПРЕМЕСТЕН ОД СУЛИ АН

Скопје, (СМАРТ. СДК.МК)

Вечерашниот концерт „Етно Македонија 24“ на Скопско лето, наместо во Сули ан, ќе се одржи во кафулето „Макка“ (булевар Климент Охридски) поради најавата за дожд, нестабилни временски услови и невреме. Концертот, кој почнува во 20:30 часот, го организира Музичката младина на Македонија, во соработка со Меѓународната музичка младина.

„Етно“ е програма на Меѓународната музичка младина за народна, светска и традиционална музика, наменета за музичари на возраст од 18 до 30 години. Програмата се спроведува во 45 земји ширум светот и има за цел да го оживее и одржи во живот глобалното културно наследство, ангажирајќи ги младите луѓе преку серија годишни меѓународни музички кампови.

На „Етно Македонија“ годинава учествуваат музичарите Бојан Анакијевски (перкусии, Македонија), Џина Перкиќ (виолина, БиХ), Илда Хамустафиќ (вокал, БиХ), Младен Ристиќ (кавал и саз, БиХ), Камил Сини (флејта, Франција), Јоше Холстајн (виолина, Холандија), Џои Дортен (гитара, Холандија), Маја Селис (виола, Естонија), Лорен Колиер (виолина, Шкотска), Франческа Маночо (виола, Италија), Јорун Лауресенс (хармоника, Белгија), Виктор Буендија (мелодика, Шпанија) и Карл Ериксон (хармоника, Шведска). Нивни уметнички ментори се Ангел Спироски, композитор и диригент од Македонија и Ламија Сариќ, кларинетистка од Босна и Херцеговина.