Спортскиот аеродром „Мало Коњари” во близина на Прилеп беше домаќин на 67. државно првенство во слободно летечки модели, при што клубови од Прилеп, Охрид, Скопје, Битола и од Кавадарци се натпреваруваа во неколку категории.
Гоце Јосифовски од аероклубот „Витачево” од Кавадарци и Давид Најдоски од „Прилеп” го поделија првото место во категоријата Ф1А. Ова се модели кои се подигнуваат со помош на сајла, а потоа слободно летаат.
Климент Масин од „Охрид” славеше во Ф1Б, модели што ги движи сноп на силна гума, а по престанокот на работата на пропелерот, понираат како едрилици.
Во Ф1Ц, за модели со минијатурен мотор со внатрешно согорување, настапи само еден учесник, Коста Стојаноски од аероклубот „Скопје”. Но, тоа не е нова ситуација. Тој со децении се натпреварува во оваа категорија во која нема нови моделари со години.
Натпреварувачите немаа поволни временски услови, поради што петтиот старт беше откажан.
Д. ЧУБРИЌ