Ансамблот на велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ утревечер од 20 часот премиерно ќе ја изведе претставата „Креонт и Антигона“ на големата сцена „Петре Прличко“. Тоа е авторски проект на режисерот Дејан Ангелов.
„Креонт е антипод на Антигона, но не целосен, бидејќи и тој ја носи во себе Антигона. Неговиот конфликт не е со Антигона, туку со самиот себе. Антигона е само надворешна проекција на конфликтот со заглушеното премудро дете во него. Тоа е повеќе трагедија за Креонт отколку за Антигона“, вели Ангелов.
Во создавањето на претставата се користени текстови од Жан Ануј, Софокле и други. Ролјите им се доверени на Самоил Стојановски – Креонт, Кристина Зафирова – Антигона, Слободанка Чичевска – Хор, Елизабета Стефановска – Исмена, Исидор Јовановски – Хемон, Фаик Мефаилоски – стражар и Едис Дурмишевски – дете. Сценографијата е на Филип Коруновски, костимите на Раде Василев, а музиката ја напиша Ставре Ангелаков.
„Креонт и Антигона“ е трета премиера на Велешкиот театар оваа година, по „Елегија во пет здива“ и „Инферно“.
П. ПЕЧКОВ