ЛАСЕРСКАТА ТЕХНОЛОГИЈА ЛИДАР ОТКРИ ЦЕЛ НОВ СВЕТ НА МАИТЕ ВО ГВАТЕМАЛА

Гватемала Сити, (Би-Би-Си)

Истражувачите пронајдоа повеќе од 60.000 руини од мајанската цивилизација во Гватемала, во едно од најголемите археолошки откритија во регионот.

Користејќи ласерска технологија, позната како Лидар, тие дигитално ја испитаа површината под густата шума, при што се укажале остатоци од куќи, палати, патишта и одбранбени утврди.

Се верува дека ова подрачје било дом на неколку милиони луѓе, што е многу повеќе од она што го сугерираа претходните истражувања.

„Ова е најголемиот напредок во истражувањето на мајанската цивилизација во последните 150 години. Кога ги видов снимките на Лидар, ми надојдоа солзи“, изјави професорот по археологија и антропологија Стивен Хјустон.

Резултатите од овие истражувања покажуваат дека во Средна Америка имало напредни цивилизации, слични на софистицираните култури во Грција и Кина.

„Ова е нешто сосема ново за нас. Ова покажува дека регионот имал три-четири пати повеќе население од она што претходно го мислевме“, кажа археологот Томас Гарисон.

Опишан од археолозите како „магија“, Лидар испушта милиони ласерски импулси на секои четири секунди, детектирајќи археолошки артефакти невидливи за човечко око.

„Лидар предизвика револуција во археологијата, исто како телескопот Хабл во астрономијата. Ќе ни требаат 100 години да поминеме низ сите собрани податоци и да сфатиме во што навистина гледаме“, вели археологот Франсиско Естрада-Бели.