„ЛЕГО“ СЕ ОТКАЖА ОД ПЛАНОВИТЕ ДА ПРАВИ КОЦКИ ОД РЕЦИКЛИРАНА ПЛАСТИКА

Данска, (Би-Би-Си)

„Лего“ се откажа од плановите да ги прави своите коцки од рециклирана пластика, што е голем удар за неговите напори за намалување на штетните емисии. Во 2021, компанијата објави дека во рок од две години ќе се откаже од производство на коцки кои содржат сурова нафта.

„Откривме дека и користењето на новиот материјал не ги намали јаглеродните емисии. Сепак, компанијата останува целосно посветена на правењето коцки од одржливи материјали“, кажаа од „Лего“.

Моментално, најголем дел лего коцки се произведуваат од таканаречената девствена пластика направена од сурова нафта. Пред две години, компанијата соопшти дека развила прототип на коцки направени од ПЕТ-пластика, со додадени хемикалии и се појави надеж дека овој материјал би можел да биде алтернатива за коцките засновани врз нафта.

Сепак, по две години тестирања, компанијата соопшти дека одлучиле да не продолжат со правењето коцки со новиот материјал.

„Не постои магичен материјал со кој би ги решиле предизвиците со одржливост. Тестиравме стотици и стотици материјали и не беше можно да се пронајде таков материјал. Инвестираме над 1,2 милијарди долари во иницијативи за одржливост до 2025 година, со цел да ги намалиме штетните емисии за 37% до 2032“, изјави извршниот шеф на „Лего“, Нилс Кристијансен.

(Фото: Гети)