ЛИЛЈАК ПОБЕДИ ВО ИЗБОРОТ НА ПТИЦА НА ГОДИНАТА ВО НОВ ЗЕЛАНД

Окленд, (Би-Би-Си)

Традиционалниот избор на Птица на годината во Нов Зеланд доби неочекуван победник откако титулата му припадна на лилјак. Пекапека или долгоопашест лилјак освои најмногу гласови во онлајн гласањето, во кое учествувале 58.000 луѓе.

Организаторот на изборот, еколошката група „Шума и птица“, вели дека го вклучил лијакот со цел да укаже на неговиот загрозен статус. Пекапека е еден од најретките цицачи на светот. Мал е колку палец, а при раѓањето има големина на бумбар.

Од „Шума и птица“ велат дека нивната намера не била да се подобри угледот на лилјаците среде пандемијата на коронавирусот.

„Глас за лилјаците е глас за контрола на предаторите, обнова на живеалиштата и климатска акција за да се заштитат нашите лилјаци“, изјави портпаролката на групата Лора Кион.