ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ КАКО МОДЕЛИ ВО ФОТОИЗЛОЖБАТА „ВО МОИТЕ ЧЕВЛИ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Изложба на модни фотографии „Во моите чевли“, чии модели се лица со попреченост, ќе се отвори вечерва во 19 часот во Мултимедијалниот центар „Мала станица“. Изложбата е завршна фаза од проектот „Во моите чевли“, чија цел беше да ги истражи потребите на лица со попречен вид, церебрална парализа и со Даунов синдром при процесот на селекција и купување облека.

Посетителите ќе имаат можност да се запознаат со индивидуалните потреби на секој од учесниците и со различни начини како може да се воведат нови инклузивни решенија во текстилната индустрија во Македонија, со фокус на малопродажните канали.

„Инспирација за овој проект дојде од предизвиците со кои се соочуваат лицата со попреченост, како процесот на селекција, купување и користење на облека, времето кое им е потребно да се облечат и подготват наутро, помошта која им е неопходна при селекција на облека или облекување и постојаната потреба за корекција и адаптација на облеката“, велат авторите на проектот Маја Ѓуреска (моден дизајнер), Антонија Гугинска-Јорданова (моден дизајнер) и Росица Колева (специјален едукатор).

Изложбата ќе ја отвори министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.