Лица со попреченост од Македонија, Косово и Бугарија неделава учат да скијаат во скијачкиот центар „Заре Лазаревски“ во Маврово, во рамките на првата скијачка школа, која се одржува до 9 март. Тие учат да скијаат во специјални седишта, а освен тоа, во рамките на кампот, што го организира Здружението на граѓани со параплегија и квадриплегија „Без ограничувања“, се одвива и обука на тренери, кои во иднина ќе можат да работат со лицата со попреченост.
Во ски школата учествуваат 13 лица со различен вид попреченост и осум лица кои се обучуваат за инструктори по скијање на лица со попреченост. Обуките ги вршат двајца експерти од Велс, Крис Деј и Роди Луелин, а волонтерски се вклучени и македонски скијачи.
Ски кампот за лицата со попреченост е организиран со поддршка од скијачкиот центар „Заре Лазаревски“, хотелот „Спорт“ во Маврово, Универзитетот во Тенеси и Агенцијата за млади и спорт.
Е. БОЧВАРОСКА