Лондон е најбавниот град за возење на светот, покажа ново истражување. Минатата година биле потребни во просек 36 минути и 20 секунди за да се извозат десет километри во центарот на градот, што е речиси две минути побавно во споредба со 2021. Во најпрометниот дел од денот, просечната брзина на возење во центарот на Лондон била само 14 километри на час.
Истражувањето, спроведено од софтверската компанија „ТомТом“ од Амстердам, опфати 389 града во 56 држави.
На второто место е индискиот град Бенгалуру, во кој оваа дистанца се поминува за 29 минути и десет секунди, па следуваат Даблин во Ирска (28:30 минути), Сапоро во Јапонија (27:40) и Милано во Италија (27:30).
Анализите на трошоците на возењето покажаа и дека Лондон е вториот најскап град за возење на светот, зад Хонгконг.
(Фото: ПА)