МАЈОРКА ЗАТВОРИ ПОПУЛАРНИ МЕСТА ЗА ЗАБАВА ПОРАДИ ПИЈАНИ БРИТАНСКИ И ГЕРМАНСКИ ТУРИСТИ

Палма де Мајорка, (Гардијан)

Шпанските власти ги затворија сите продавници, барови и ресторани на култната улица Пунта Балена во Магалуф на Мајорка, неколку дена откако се појавија снимки со пијани туристи кои ги кршат сите коронамерки. Затворањето, кое се однесува на уште две популарни улици, ќе биде на сила два месеца.

„Не можеме и нема да ги толерираме сцените што ги видовме во изминатите денови. Не сакаме нецивилизирани туристи на островот“, изјави регионалниот министер за економија и туризам Јаго Негерела.

Властите кажаа дека неодговорното однесување на неколкумина туристи не смее да ги доведе во опасност досегашните напори во борбата против коронавирусот. Стотици туристи, идентификувани како Германци и Британци, биле снимени како пијано танцуваат на илегални забави на плажите во Палма и Магалуф изминатиот викенд. Никој од нив не носел маска, ниту држел дистанца.