Уметникот Миле Ничевски наслика мурал на ѕид од приватна куќа во Гевгелија кој упатува порака за заедништво и солидарност во времето на пандемијата на коронавирусот.

„Физичка дистанца, социјална блискост – И уф арно и уф м’ка, комшијата е тука“ стои напишано на муралот за кој авторот добил инспирација од ората во Гевгелија и Чаир и препораките за одржување физичка дистанца за да се спречи ширењето на коронавирусот. Станува збор за мурал широк десет, а висок пет метри во стариот дел на Гевгелија, за кој Фестивалот АКТО обезбедил дозвола од сопственикот на куќата, а со кој Ничевски апелира да се почитуваат мерките и препораките без да се изгубат хуманоста, солидарноста и заедништвото.

„Муралот го насловивме ‘Ноќен танц’. Требаше да го работам пред пандемијата, но откако се случи целата ситуација, со фестивалот се договоривме да не се игнорира пандемијата и дека мора да се одбележи моментот. Мојата идеја беше преку танц да укажам дека граѓаните треба да држат физичка дистанца, но и да не ја заборават близината со комшиите, кои секогаш први помагаат. Оваа пандемија не значи дека треба да се затвориме и да не одржуваме контакти, туку и во ваква ситуација да си помагаме и да го живееме животот со новите предизвици”, ни изјави Ничевски.

Уметникот Миле Ничевски (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Муралот е изработен за околу половина месец.

„Ова е иницијатива која им дава можност на младите уметници да остават печат и белег во своите заедници. Иницијативите за исцртување мурали на јавни и приватни простори имаат за цел на креативен начин да зборуваат за одредени теми кои покренуваат не само поединци, туку цели групи и заедници“, вели Ничевски.

В. ТРАЈКОВ