Владата денеска донесе низа драстични мерки кои треба да помогнат во спречувањето на ширењето на коронавирусот во земјата, откако вчера бројката заразени порасна на седум и значително се зголеми бројот на оние кои се ставени во изолација. Новите мерки веднаш стапуваат на сила.
- Во наредните 14 дена ќе бидат затворени сите градинки, училишта и високообразовни институции.
- Се забрануваат сите настани и собири на отворено и во затворено со над 1.000 луѓе, но се препорачува истото да важи и за собири со помалку од илјада луѓе.
- Спортските натпревари ќе се играат без публика во следните 30 дена, што се однесува и на фудбалскиот меч Македонија-Косово, кој има квалификациски карактер за Европското првенство.
- Во наредните две недели од работа ќе биде ослободен по еден родител на деца до 10-годишна возраст, што важи и за државните институции и за приватните фирми.
- На повозрасните лица и на оние со хронични болести им е препорачано да ги намалат движењето и користењето на јавен превоз.
- Се забранува организиран превоз со автобус и комбе кон високоризичните подрачја во странство.