СИМПТОМИТЕ НА КОРОНАВИРУСОТ СЕ ПОЈАВУВААТ ОКОЛУ ПЕТТИОТ ДЕН, НО НЕ ГИ РАЗВИВААТ СИТЕ, ПОТВРДИЈА НАУЧНИЦИТЕ

Лондон, (Би-Би-Си)

Научниците потврдија дека во просек поминуваат пет дена пред заразеното лице да почне да ги покажува симптомите на коронавирус.

КОВИД-19, кој се карактеризира со треска, сува кашлица и проблеми со дишењето, за два и пол месеци се прошири низ цел свет, при што досега се заразени повеќе од 118.000 луѓе, а починале 4.264.

Тим американски научници анализираше познати случаи од Кина и други земји за подобро да ја разбере болеста. Тие заклучиле дека кај повеќето луѓе симптомите се развиле на или околу петтиот ден. Оние што нема да развијат симптоми до 12. ден најверојатно нема ни да ги имаат, но и натаму можат да бидат преносители на вирусот. Истражувачите ги предупредуваат луѓето кои би можеле да бидат заразни да се стават во 14-дневна изолација, без разлика дали покажуваат симптоми или не.

„Ова се најпрецизните проценки досега, но и сѐ уште мора доста да научиме за вирусот“, вели професорот Џастин Леслер од училиштето за јавно здравје „Џонс Хопкинс Блумберг“, кој го водеше истражувањето.

Студијата не кажува колкав процент луѓе развиваат симптоми. Експертите сметаат дека кај мнозинството од заразените тие се благи.

Сепак, тие предупредуваат дека станува збор за сериозна болест, дури и смртоносна за некои, првенствено стари луѓе и лица кои веќе имаат здравствени проблеми.

„Студијата потврдува дека во мнозинството случаи инкубацијата, а со тоа и карантинот треба да траат 14 дена. Има малку докази дека вирусот може да се пренесе во периодот кога заразениот нема симптоми“, вели молекуларниот виролог Џонатан Бол.