МАКЕДОНИЈА И ОФИЦИЈАЛНО СТАНА 30. ЧЛЕНКА НА НАТО, ШПАНСКИОТ СЕНАТ ГО ИЗГЛАСА ПРОТОКОЛОТ СРЕДЕ КАРАНТИН

Мадрид, (СМАРТ СДК.МК)

По речиси три децении стремежи, Македонија од денеска и официјално е 30. членка на НАТО.

Среде кризата со коронавирусот кога целата земја е ставена во 15-дневен карантин, шпанскиот Сенат, едногласно и по електронски пат, го ратификуваше Протоколот за членство на Македонија во НАТО.

„Ова е историски ден. После три децении, денеска завршуваме со стремежот да бидеме дел од НАТО семејството. Ратификацијата сега ќе се испрати до Стејт департментот, од каде ќе се достави известување до седиштето на НАТО во Брисел. Нашето членство ќе значи поголеми регионални безбедност и стабилност. Ова е заеднички успех на сите граѓани и инвестиција во идните генерации“, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Собранието го усвои Законот за ратификација на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО уште на 11 февруари, пред да биде распуштено.

Пристапниот протокол беше потпишан од амбасадорите на земјите членки на НАТО на 6 февруари 2019 во Брисел, по што следеше негова ратификација во националните парламенти, од кои последна остана Шпанија.

Членството на НАТО за последен пат беше проширено во 2017 година, кога беше примена Црна Гора.