Македонија од септември 2021 ќе воведе настава по сексуално образование во основни училишта.

За почеток, оваа пилот-програма ќе се воведе во четири училишта од урбани и рурални средини, како изборен предмет за учениците од осмо и деветто одделение. Одлуката беше усвоена на последната седница на Владата.

„Сексуалното образование опфаќа учење за когнитивниот, емоционален, социјален и физички аспект на сексуалноста. Тоа започнува во детството и продолжува низ адолесценцијата и зрелоста. Опфаќа седум компоненти: род, врски и односи, тело и слика за телото, сексуално и репродуктивно здравје, сексуалност и сексуално однесување, насилство и граѓански аспекти“, изјави Мери Цветковска од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА, која учествуваше во двегодишната подготовка на пилот-програмата.

Засега сѐ уште не е дефинирано како ќе се вика предметот, а во кои училишта ќе се воведе наставата, ќе избере Бирото за развој на образованието. Предметот не би се оценувал бројчано и би предавале наставници или стручни лица кои самоиницијативно ќе се пријават.

Од ХЕРА додаваат дека се изненадени од позитивниот однос на јавноста кон ова прашање.

„Исклучително висок процент родители, меѓу 82% и 96%, се согласува младите да изучуваат теми кои се дел од сеопфатното сексуално образование“, изјави Цветковска.