ОЗИ ОЗБОРН ЈА ОБЈАВИ ПРВАТА НОВА ПЕСНА ПО ДЕВЕТ ГОДИНИ

Лондон, (НМЕ)

Хеви метал легендата Ози Озборн ја објави својата прва нова песна по пауза од речиси десет години.

Моќната балада „Под гробиштата“ (Under the Graveyard), на која гостуваат басистот на „Ганс ен роузис“ Даф Меккејган и тапанарот на „Ред хот чили пеперс“ Чад Смит, ќе се најде на неговиот нов албум „Обичен човек“ (Ordinary Man), што треба да излезе во почетокот на следната година. Тоа ќе биде 12. соло албум на 70-годишниот Озборн, кој се прослави како фронтмен на „Блек сабат“.

Озборн вели дека одлучил да сними нов албум откако беше принуден да ги откаже сите концерти оваа година, додека заздравуваше од повредите од тежок пад. Тој планира да се врати на сцена во мај, со турнејата во Северна Америка, додека во Европа би можел да настапува дури во првата половина на 2021.