МАРАЈА КЕРИ ОСЛОБОДЕНА ОД ОБВИНЕНИЕТО ЗА ПЛАГИЈАТ НА НЕЈЗИНИОТ БОЖИЌЕН МЕГАХИТ ОД 1994

САД, (Би-Би-Си)

Мараја Кери е ослободена од обвинението за прекршување на авторските права во случајот со нејзиниот божиќен мегахит од 1994 „Сѐ што сакам за Божиќ си ти“ (All I Want for Christmas is You). Судот ги отфрли наводите на текстописецот Адам Стоун, кој објави песна со истото име во 1989. Стоун, кој настапува под името Винс Венс, бараше отштета од најмалку 20 милиони долари.

Во пресудата, судијката Моника Рамирез Алмадани цитираше експертско сведочење, велејќи дека двете песни се „божиќни клишеа“, како и други претходни вакви хитови. Алмадани, исто така, одлучи дека Стоун и неговите адвокати треба да бидат казнети за „поднесување несериозни аргументи и нерелевантни докази.

Тужбата првпат беше поднесена во 2022 и Стоун тврдеше дека хитот на Кери бил копија на негова песна. Во своите мемоари од 2020, Кери напиша дека го компонирала поголемиот дел од песната на евтина мала клавијатура „касио“ и била инспирирана од божиќен филм.

Првичната тужба беше отфрлена во декември 2022, но повторно беше поднесена еден месец подоцна. Стоун се надеваше дека ќе добие дел од профитот од хитот на Кери, кој носи заработка од околу 8,5 милиони долари секоја година и беше 140 недели во топ-100 во Велика Британија.

(Фото: АП)